За нас

СОУ ,,Јане Сандански” – Штип постои веќе 59 години и успешно работи на образование и издигнување на младите генерации. За првпат е отворено во 1957-1958 год. на местото на двегодишната Бабичка школа во Штип, единствено во регионот со профилот медицинска сестра. Во учебната 1963 / 64 училиштето е преименувано во училиште за медицински сестри и акушерки. Во 1978/79 во училиштето започнува со работа и профилот медицински техничари. Од 1983 година наставата во средното медицинско училиште почнува да се изведува во нов објект, т.е. сегашната училишна зграда.

Медицинското училиште отсекогаш настојува да обезбеди стручни кадри кои со своите теоретски и практични знаења ќе придонесат за подобрување на општата здравствена состојба на населението.

Во нашето училиште наставата се одвива во две смени. Прва и втора година наставата ја посетуваат од 7.30 до 13.35, а учениците од трета и четврта година наставата ја следат попладне од 13.45 до 19.50.

Наставата се изведува во тринаесет класични училници опремени со најсовремена ИКТ опрема со пристап до интернет како и во осум специјализирани училници (кабинети) за изведување на практична настава, информатика, анатомија и физиологија. Редовната настава се реализира според подготвени програми и планови изготвени од Биро за развој на образование, Центар за стручно образование и обука и Министерство за образование и наука.

Во училиштето се опфатени следниве профили:

  1. Медицинска сестра
  2. Забен техничар
  3. Фармацевтско-лабораториски техничар
  4. Физиотерапевтски техничар

Практичната настава за сите профили се одвива во специјализирани училници (кабинети) опремени со опрема за изведување на практичната настава.

Училиштето располага со една библиотека опремена со богат книжевен фонд со неколку илјади наслови за ученици и наставници (лектири, стручна литература, белетристика и списанија).

Наставата по спорт и спортски активности се изведува во опремена спортска сала со реквизити и справи потребни за реализација на сите видови спортски активности и два надворешни спортски терени за кошарка и фудбал кои се наоѓаат во задниот дел од училиштето. За современо одвивање на наставата преку презентации и видеа на располагање на наставниот кадар е современа техника како што е ДВД, ЛЦД проектор, ЦД плеери и телевизори.

Од странските јазици како задолжителен се изучува Англискиот јазик, а поради малиот број на ученици кои изучуваат Француски јазик наставата се реализира преку испит на годината. Учениците од прва година како значаен за струката го изучуваат Латинскиот јазик.

Класното раководство како и распределбата на часовите на наставниот кадар го врши директорот во координација со наставниците. Распоредот на часови го изготвува комисија избрана од страна на директорот.

 

Изборна настава

Изборот на предметите според профил се врши од следната листа:

  1. Медицинска сестра – биологија, хемија, математика, физика, интерна и педијатрија со нега, хирургија со гинекологија и акушерство со нега и микробиологија и инфектологија со нега.
  2. Фармацевтско лабораториски техничар – биологија, хемија, математика, физика, фармацевтска хемија, фармацевтска технологија, фармакогнозија.
  3. Забен техничар – биологија, хемија, математика, физика, фиксна протетика, мобилна протетика
  4. Физиотерапевтски техничар – биологија, хемија, математика, физика, физикална терапија и рехабилитација.

 

Дополнителна настава

Дополнителната настава ги задоволува потребите на оние ученици кои имаат потешкотии во совладување на редовната настава по еден или повеќе наставни предмети. Наменета е за ученици кои не покажуваат задоволителни резултати. Она што се работи на часовите по дополнителна настава е конкретно условено од потребите кои ги покажуваат учениците со потешкотии во учењето.

Според законската регулатива, дополнителната настава во зависност од потребите и нејзиното реализирање започнува од 20 септември, а распоредот го изготвува секој предметен наставник до 15 септември.

 

Додатна настава

За уениците кои покажуваат особен интерес и способност кон одредени наставни содржини се организира додатна настава. Оваа настава е во функција на развивање на индивидуалните потенцијали, способности и постигнувања на учениците. За учениците од четврта година се организира консултативна настава за предметите кои се опфатени со државната матура, а се со цел успешна реазлиација на истата.

Според законската регулатива додатната настава во зависност од потребите и нејзиното реализирање започнува од 20 септември, а распоредот го изготвува секој предметен наставник до 15 септември.

 

Индивидуализирани програми за работа со надарени и талентирани ученици

Талентираните и надарените ученици се подготвуваат за учество на општински, регионални и државни натпревари. Подготовката на учениците започнува од месец ноември се до реализацијата на активноста.

Во годишните и тематските планирања на наставниците се интегрираат еколошки содржини од четири еколошки теми. Со тоа се збогатуваат постоечките предмети со еколошки содржини и содржини за заштита на животната средина и се прошируваат знаењата на учениците.